Активизам: Не коментирај, реагирај!

Gorjan Jovanovski
3 min readNov 17, 2019

--

Како еко активист, често се нервирав: Зошто луѓе се јаки на коментари и лајкови за загадувањето, но до таму застанува нивниот активизам?

I sto sega??? Zagadeno sekade site duvajte da iscistite.gluposti.

Koj ke prijavi?

Dajte nesto napravete ne se dise vekje

Ma malko e ovoj zagaduvanje za ovuj stoku narod.

Ова се само пример вистински коментари на ФБ постови. Се карав со другари, се објаснував со непознати ликови на ФБ, но дури откако ја прочитав книгата Blueprint for Revolution од Срџа Попович, сфатив што е работата.

Луѓето најчесто не веруваат дека нивниот глас ќе смени нешто, или не знаат како да пристапат на проблемот.

Затоа застануваат само до постирање коментари и статуси на социјални мрежи. Целта на овој пост е да ти покаже дека навистина можеш да смениш нешто, и како да направиш твојот глас да биде слушнат од надлежните.

Што можам да направам?

Пиши им директно на надлежните
Постовите и коментарите на социјалните мрежи скоро никогаш не се прегледуваат од надлежните институции, па дури и да ги тагнете. Постовите повеќе служат за јавно искажување мислење, но доколку сакаш твоето мислење да стигне до надлежите, пиши им директно.

Тука може да ги најдеш линковите до сите министерства, а на нивните сајтови има контакт емаил адреси/телефони каде што можеш директно да се обратиш. Ако е нешто итно, јави се на 192 (полиција), 193 (пожарна) или 194 (брза помош). Не чекај некој друг да го стори тоа за тебе!

Ама ќе ме игнорираат…
Ако, тоа и најчесто се случува. Но тука имаш задача да продолжиш да им досадуваш дур не одговорат на твоето барање. Доколку бараш информации, и тие треба да се од јавен карактер, можеш да им испратиш такво барање (образец овде) кое мораат законски да го одговорат.

Доколку контактираш со лица директно во инстутиции кои не сакаат да ти одговорат, во CC можеш да ги додадеш нивните претпоставени, или министерот/директорот. На тој начин се прави дополнителен притисок да добиеш одговор.

Ама пак нема ништо да преземат…
Имаш пишувано многу пораки, телефонски разговори, но пак ништо. Што тогаш? Следува твоето граѓанско право на протест. Можеш да протестираш како поединец, можеш како група, но без разлика, на тој начин се влече внимание кон проблемот и од други кои не се директно засегнати или информирани.

Е сеа нема ја протест да организирам…
Е ќе организираш :) Ќе престанеш да чекаш некој друг да ти ги реши проблемите, и ќе фатиш да си ги решиш. Многумина полесно би се појавиле на протест, него да го организираат, и тоа е јасно, секако е полесно. Но мора да има некој што ќе го иницира сето тоа, група на луѓе што ќе дадат малку повеќе за каузата. Која ти е причината тоа да не си ти?

Ама ќе ми се деси _____ …
Страв ти е дека ќе имаш притисок од негде? Може работодавецот ќе ти се закани? Баш тоа и го сакаат тие што намерно прават потешкотии во општеството, сакаат да имаш страв и да се откажеш од твоите намери.
И токму поради тоа нема да им дозволиш да те заплашат и храбро ќе чекориш напред!

Се надевам дека следен пат кога ќе ти дојде желба да пишеш љут ФБ коментар како тие горе, и ќе мислиш дека тоа е се што можеш да направиш, ќе се сетиш на чекорите во постов и ќе речеш: Па дај да пробам, што ме кошта :)

--

--