Како јас отворив фирма во Македонија
Јас сум Горјан, ИТ консултант, тренер на успешни тимови и јавен говорник. Дознај повеќе за мене тука: https://gorjan.rocks
После долги години работење како freelancer, решив да отворам сопствена фирма — “Моја Фирма” (по стилот на МојВоздух и МојМиленик). Ова е водич низ што поминав јас, за да ти е полесен патот. Има различни банки и различни провајдери на електронски токен, јас имам одбрано НЛБ и Телеком, така што процедурите наведени се нивните, а на другите може да се разликуваат.
Напомена
- Јас НЕ СУМ адвокат или регистрацион агент, затоа секогаш провери ги овие работи со твојот адвокат бидејќи процедури, документи и закони се менуваат често.
- Информациите во овој текст НЕ СЕ правни совети, и не ги користи како такви. Текстот ги опишува чекорите низ кој што јас лично поминав при отварање фирма, за да имаш осет што те чека на патот.
- Цените во овој текст се дадени со груба естимација, само колку да имаш осет дали нешто кошта околу 10 или околу 10.000 денари. Цениве дефинитивно не се точни до денар, ниту ќе бидат како што ќе старее текстот, така што твојот адвокат/банка/токен провајдер ќе ти помогне да ти ги каже точните цени во моментот кога ќе ја бараш нивната услуга.
- Овој текст е напишан во Јули 2020, и ако го читаш подоцна од тоа, шансите се дека моиве чекори веќе не се исти како тие низ кои што ќе поминеш. Секако адвокат ќе те води низ целата процедура, така што ова нека ти е само идеја за што се би требало да направите заедно.
🤔 Дали ти треба фирма?
Доста битно прашање што прво мораш да го одговориш. Со помош на фирма можеш да вработиш луѓе, да аплицираш на конкурси и тендери како правно лице. Можеш да добиеш инвестиција, да учествуваш во акцелератори и да направиш вистински бизнис.
Но од друга страна, фирмата си има доста давачки, кои треба да ги имаш на ум дека ќе ти се дополнителен трошок, што може и не ти е потребен ако си поединец што работи со клиенти одделно. Размисли го ова пред да продолжиш.
Мои чекори за при отварање на “МојФирма”
Целата оваа процедура (до отварање сметка во банка) ја води адвокат или регистрационен агент. Ова се чекорите низ кои јас поминав при истата процедура, колку да имаш осет што може би те чекало на патот.
🏢 Одбери тип на фирма
Најчесто ќе се отвора ДООЕЛ (Друштво со ограничена одговорност од едно лице) или ДОО (друштво со ограничена одговорност) тип на фирма. Ако си сам/а, тогаш ДООЕЛ ти треба, ако имаш коосновачи/ки, тогаш ДОО ти треба. Постапката не би требало да е многу различна (најчесто бара само потписи од другите лица, и со банката малку замарање кој смее да подига изводи, да прави трансакции итн).
📝 Одбери име на фирма и дејност
За ова најпрвин провери дали име какво што сакаш е регистрирано како правен субјект на сајтот на Централен Регистар. Доколку овде не најдете ништо слично, го одбирате краткиот и долгиот назив на фирмата. Пример:
Краток назив: Моја Фирма ДООЕЛ Скопје
Долг назив: Друштво за програмирање, трговија и услуги Моја Фирма ДООЕЛ Скопје
Долгиот назив најчесто опфаќа што се ќе прави фирмата, и може да има комбинации. Најдобро за ова да се консултираш со адвокатот за добрите варијации.
Околу дејноста, адвокат ќе ти помогне да одбереш која е примарната дејност на фирмата, но одбраната дејност најчесто не е лимитирачка. Овде имаш листа на сите дејности и нивните шифри.
💰 Основачки влог
За да отвориш фирма, во моментов е потребно да имаш на сметка на фирмата 5000 ЕУР основачки влог. Тој влог може да биде паричен (да ги ставиш кеш на сметка), или непаричен, и не мора веднаш да се плати, туку може во текот на 12-те први месеци од работењето.
Ако ги имаш тие 5000 ЕУР, подобро е парично да си ги ставиш, и да работиш на почетокот со нив.
Одбираш во банка која ја сакаш да биде главната сметка на фирмата (кај мене пример НЛБ), одиш на шалтер “платен промет во земјата” (не благајна), и бараш да се уплати влог од 5000 ЕУР за основање на фирма. Тоа се уплаќа на привремена сметка, и уплатницата ја носиш кај адвокатот. Откако ќе се основа фирмата, тие пари се префрлаат на главната сметка на фирмата во истата банка.
Ако ги немаш тие 5000 ЕУР, и сакаш да ставиш непаричен влог, пример канцелариска опрема, компјутери, ти треба проценител да одреди дали вредноста на тие предмети достигнува до 5000 ЕУР, и за оваа услуга најчесто се плаќа околу 100 ЕУР.
Значи сега си одредил име, дејност, си уплатил (или не) влог и адвокатот ги изработува документите, што ги поднесува во централен регистар (ЦР). Кога ЦР ќе ја одобри фирмата (најчето за 1–2 работни дена), се добива тековна состојба од нив каде што ги има сите битни податоци за фирмата: кратко име, долго име, ЕМБС (матичен број), даночен број, шифра на дејност, датум на основање, управители…
🖌 Печати
Како правно лице, мора да имаш печат заедно со потпис на управителот. Печати имаш 2, еден за секојдневна употреба (округол) и еден за архивско работење (правоаголен). Препорака е за главниот (секојдневниот) да се земе автоматски округол печат(оној со мал механизам што го крие печатот внатре во него), бидејќи го штити од сушење и полесен е за користење, а за архивското користење да се земе дрвен правоаголен.
Цената на печатите во оваа комбинација е околу 2000 МКД, каде што адвокатот ги нарача и обезбеди во мој слчај.
Тука најчесто завршува работата на адвокатот.
Хинт: Носи го главниот печат (округлиот) со тебе од сега натаму во банка, често ќе ти треба.
🏦 Отворање сметка во банка
Сега одиме да ја отвориме главната сметка во банката каде што го дадовме влогот. Заедно со листот од централен регистар, и 3П образецот кој најчесто треба да е заверен на нотар (околу 200 МКД, но провери со банката дали им треба ваква заверка), се оди на шалтер “платен промет во земјата”. Таму ти даваат големо туце документи кои ги пополнуваш со информациите што го ги доби од адвокатот.
Процесот на отворање трае околу 3–4 дена, по што ќе ве повикаат во експозитура да си ги земете документите (на кои го има бројот на сметката) и 2 ламинирани картички кои што треба да ги носите со вас кога одите во банка да работите со сметката на фирмата. Една е за подигање изводи, а друга е за извршување плаќања со налози.
🏦 🌎 Отворање на девизна сметка во банка
Ако планираш да работиш со странство, ти треба и девизна сметка. За ова, се оди на шалтер “платен промент во странство”, каде што се пополнува барање за отворање на девизна сметка. Сметката е бесплатна, и добивате IBAN бројче за неколку дена во експозитура.
💳 Бизнис картичка за физичко и онлајн плаќање
Ако планираш да плаќаш физички или онлајн (значи не преку налози во банка), тогаш извади си бизнис картичка. Во НЛБ, јас аплицирав за MasterCard Debit Business картичка, што чини околу 600 МКД годишно.
Тоа се прави на шалтер “платен промет во земјата”, се пополнува барање, се чека неколку дена за СМС со ПИН код, и уште еден СМС дека картичката е во експозитура да си ја подигнете.
Битно: Ако планираш онлајн да плаќаш, провери на благајна дали дневнипт лимит на картичката за онлајн плаќање е наместен на 0, и доколку е, накачи го.
🖥 Онлајн банкарство
Дојдовме до најкомплицираното :) Во 2020 верувам дека ќе ти треба онлајн да следиш состојба на сметка, да повлекуваш изводи и да плаќаш за да не се маткаш по шалтери, посебно не со КОВИД-19.
Во НЛБ, прегледот на сметка онлајн е бесплатен, сервисот се вика НЛБ Проклик, но мора да се аплицира во банка за него. Доколку сакате да правите плаќање, се плаќа 200 МКД месечно и е потребен токен.
Токенот (УСБ со дигитален сертификат на него), може да се земе од 3 места: Банката (ако нуди таква опција), но така си лимитиран да го користиш само со таа банка и не на други услуги (пример УЈП), КИБС, и Телеком.
Горе доле цените се скоро сегде исти:
- УСБ Токен околу 1900 МКД
- Еднократна активација околу 150 МКД
- Годишен надомест околу 850МКД
Јас извадив од Телеком, и пополнив барање во салон (побрзо било него онлајн). На лице место ми дадоа УСБ токенче, и кодови за активација ми пристигнаа на меил и СМС.
Сега треба да генерираш дигитален сертификат што ќе се запише на УСБто, со цел да може истото да се користи. Овој процес работи само на Windows и само со Internet Explorer (не Edge). Yeah, 2020 baby. Моја препорака е, ако одиш со Телеком, да се јавиш на 070-120, и да дозволиш агентот да се прикчучи на твојот компјутер за да ја направи целата процедура. Јас сум техничко лице, но упатството и чекорите се доста луди и комплицирани.
Откако ќе бидне тоа, имаш УСБ со кои можеш да се најавуваш и електронски налози да потпишуваш. Чим го имаш ова, во експозитура повторно на шалтер “платен промет во земјата” пристапуваш за да се поврзе токенот со твојата сметка и да се активира електронско плаќање. Откако ќе добиеш кодови и од банката за автентикација, спремен си со електронското банкарство!
Хинт: За секоја наредна сметка на име на фирмата (пример наменска), ќе треба во експозитура да пополниш изјава пак за електронско банкарство на неа, за да се појави на твојот онлајн акаунт.
Бонус
🧾 Сметководител
Треба да си најдеш сметководител, кој што ќе ти помогне да си средиш работи со е-Tax системот на УЈП, книжење, плати итн. Сметководител или се вработува во фирмата за плата, или се наоѓа екстерна сметководствена фирма што ќе ти ги врши овие услуги. Сметководител чини најмалку околу 50–100 ЕУР месечно за почеток на мали фирми, во зависност од вработени, обрт, данок.
🏛 Даночен обврзник
Се додека годишно имаш обрт помалку од 2.000.000 МКД, не си ДДВ обврзник. Ова го олеснува почетокот на малите фирми.
🏦 Креирање на намеска сметка
Наменска сметка се користи за една намена (замисли). Пример, ако имаш добиено пари од Фондот за Иновации и Технолошки Развој (ФИТР), тогаш ќе ти биде побарано да имаш посебна сметка која ќе служи да работиш само со нивните средства. За да отвориш таква, повтори ги чекорите како отворање на главна сметка.
👩💻 Вработени
Во фирмата нема потреба да има вработени од самиот старт. Дури и ти може да си управител на истата, без да си вработен во неа.
Сега следи најважното
Честитки, ова е лавиринтот низ кој што треба да помиенш за да отвориш фирма во Македонија! Е сега, имаш а фирма, имаш спремно продукт/идеја за пазарот, имаш тим, но ти треба помош и консултации како целото тоа да го изведеш?
Јас сум Горјан Јовановски, претприемач со апликацијата МојВоздух (AirCare), со 10+ години искуство во ИТ индустријата, менаџер на тимови во Booking.com во Амстердам и јавен говорник.
Како што ти помогнав со отворање фирма, можам да ти помогнам со ИТ консултации, тренирање на тимови за да станат успешни и помош при спремање јавни говори.
Посети го мојот сајт: https://gorjan.rocks, дознај повеќе за сè што знам, и закажи бесплатен 30-минутен состанок за да дознаеш како моето искуство и експертиза може да ти помогне тебе!